30 јули 2026
• од Темелко Тошев
Битолскиот бизнисмен и почесен конзул на Белорусија во земјава, Борче Марковски, ја напушти Македонија и замина во Србија, откако претходно Основниот суд во Струга му ја укина мерката за претпазливост и му ја врати патната исправа.
Како што пренесува „360 степени“, сопственикот на „Марковски компани“ бил привремено задржан на граничниот премин „Табановце“, но по извршените проверки му било дозволено да ја помине границата. Причината за ова е што во полициските системи веќе не постоела активна мерка која би го спречила да излезе од државата. Од МВР посочуваат дека полицијата постапува исклучиво по донесени и активни одлуки од надлежните судови и органи.
Зошто му е вратен пасошот?
Враќањето на пасошот на Марковски, кој инаку поседува бизниси и имот и во соседна Србија, крена нова бура во јавноста. Претседателот на струшкиот суд, судијата Вулнет Винца, за медиумите потврдил дека пасошот му е вратен бидејќи обвинетиот приложил имотна гаранција вредна над 5 милиони евра.
„Според законот, не може да се земе и гаранција во имот и да биде одземен пасошот. Или едното или другото“, изјави Винца, објаснувајќи ја одлуката на Судот.
Сепак, неофицијалните информации говорат дека околу ова прашање имало разидување меѓу обвинителствата. Додека Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струга се противело на враќањето на патната исправа, позитивно мислење за ваквиот потег пристигнало од Вишото јавно обвинителство во Битола, предводено од Пецо Везироски.
Серија контроверзии и преместување на судењето
Ова не е прва контроверзија поврзана со судскиот процес против Марковски. Претходно, Судскиот совет констатираше неправилности во Основниот суд Битола, каде според нивниот извештај, бил составен „посакуван кривичен совет“ за да се овозможи излегување на газдата на „Марковски компани“ од притвор. По одлука на Апелацискиот суд во Битола, судењето потоа беше префрлено во Основниот суд во Струга. Првото рочиште во Струга беше одложено, а новиот почеток на процесот е закажан за 2 септември.
За што се товари Марковски?
Марковски, заедно со неколкумина директори и раководители од РЕК „Битола“ (вкупно осум физички и едно правно лице), се соочуваат со сериозно обвинение од ОЈО Битола поднесено во јануари годинава. Случајот се однесува на злоупотреби при тендер за јавна набавка вреден околу 1,7 милиони евра.
Според обвинението, се работело за дислокација на погонски станици од ТЕЦ „Осломеј“ во РЕК „Битола“. Обвинителството тврди дека условите на тендерот биле предимензионирани и скроени за да се фаворизира „Марковски компани“ како единствен понудувач. Фирмата потоа наплатила милионски суми врз основа на документација за завршени работи, иако дел од машините кои биле демонтирани во Кичево, биле само донесени, но никогаш не биле монтирани во кругот на РЕК „Битола“.
Во текот на истрагата, со меѓународна правна помош, обвинителството успеа да замрзне 1,2 милиони евра, илјада швајцарски франци, три златни монети и златна плочка од банкарски сеф во Белград, а замрзнат е и дел од имотот на самата компанија.
Дали ваквиот развој на настаните и заминувањето на Марковски ќе влијае врз текот на главната расправа, останува да се види на почетокот на септември кога судењето треба формално да започне во Струга.
Ахмети: Европскиот пат и Охридскиот договор се темелите на иднината на земјата
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

