04 мај 2026
• од Гоце Кически
Богданка Кузеска, денеска излезе со серија остри обвинувања насочени кон опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како и кон поранешниот премиер Никола Груевски, кој веќе неколку години е во бегство во Унгарија.
Во својата изјава, Кузеска посочи дека Груевски „повторно се огласува од странство и директно им диктира на институциите што треба да истражуваат“, обвинувајќи дека истиот манир го има и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според неа, станува збор за „истата матрица и политичка школа“, која, како што тврди, продолжува да влијае врз институциите.
Кузеска нагласи дека правдата мора да биде неселективна и дека, како што рече, „криминалецот мора да биде изведен пред лицето на правдата и да одговара за сторените дела“. Таа оцени дека политиките од времето на Груевски, кои според неа продолжуваат и денес, ја чинат државата не само финансиски, туку и во однос на иднината на младите генерации.
Во изјавата се посочува дека корупцијата, злоупотребите со јавни набавки и, како што рече, „кражбата на државата“, довеле до слабеење на институциите и забавување на развојот на Северна Македонија.
Кузеска исто така го критикуваше односот на ВМРО-ДПМНЕ кон прашањето за екстрадиција на Груевски, оценувајќи дека реакциите од таа партија ја покажуваат нивната „навикнатост на селективна правда“. Таа обвини дека актуелното раководство врши партизација на судството, обвинителството и полицијата, со цел, како што наведе, „целосна контрола врз независните институции“.
Дополнително, во изјавата се спомнува и министерот Филков, за кого Кузеска тврди дека е дел од, како што ја нарече, „тендер коалицијата“, поставен на функција со однапред подготвена политичка цел.
Од СДСМ порачуваат дека државата мора повторно да стане „слободна земја без криминал и корупција“ и да го продолжи европскиот пат. Кузеска потенцираше дека партијата, како што рече, „веќе еднаш ја ослободила државата“ и дека повторно ќе се избори со, според неа, истите структури.
„Груевски побегна, но Мицкоски и неговата банда ќе одговараат. Доаѓа време на вистината, правдата и одговорноста“, заклучи Кузеска.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

