03 мај 2026
• од Гоце Кически
Делегација на Европската Унија во Северна Македонија ги повика граѓаните да се приклучат на одбележувањето на Денот на Европа 2026, најавувајќи разновидна програма што ќе се реализира во повеќе градови низ земјата во текот на мај.
Во објава на социјалните мрежи, од Делегацијата порачаа дека „нашата Европа не е само место, туку нешто што го живееме, споделуваме и градиме заедно“, нагласувајќи ја идејата за заедништво, солидарност и активна граѓанска вклученост.
Прославата ќе опфати културни, спортски и креативни активности во градови како Скопје, Битола, Охрид, Кочани, Велес, Тетово, Штип и Гевгелија.
Меѓу главните настани се издвојува концертот „Класиците од кино“ на меѓународниот оркестар ФЕЈМС, кој ќе се одржи на 4 мај во Europe House во Битола. Настанот е дел од програмата „Креативна Европа“ и ќе обедини млади музичари од повеќе земји.
Во Охрид на 7 мај ќе се одржи хуманитарна трка на средношколци, насочена кон промоција на солидарност и младински активизам.
Централниот настан е закажан за 9 мај во Градскиот парк во Скопје, каде ќе се организира целодневна програма под мотото „Уживај ја Европа“. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во еко-бизниси, саем на цвеќе, гастрономска понуда, игри од земјите-членки на ЕУ и музичка програма.
Во Кочани ќе се реализираат повеќе активности, меѓу кои и иницијативата „Обој го Кочани“ – изработка на мурал од млади уметници, како и кино на отворено со бесплатни филмски проекции.
Дополнително, на 16 мај ќе се одржи прекугранична велосипедска тура околу Охридското Езеро, која ќе ги поврзе Струга, Охрид и Поградец, со цел промоција на одржлива мобилност и регионална соработка.
Од Делегацијата потенцираат дека овогодинешната програма има за цел да ја приближи Европа до граѓаните преку практични и интерактивни искуства, со силен фокус на младите, културата и локалните заедници.
„Наша Европа. Заедно посилни“, гласи пораката со која се заокружува кампањата, повикувајќи на активно учество и заедничко градење на европските вредности.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

