09 мај 2026
• од Темелко Тошев
Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, се наоѓа во центарот на политички превирања откако, според неофицијални информации, веќе ја напишал својата оставка од функцијата. Иако веста се очекува официјално да биде соопштена во текот на денот, извори тврдат дека партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ врши сериозен притисок таа да биде повлечена.
Како што дознава порталот Рацин.мк од два независни извори внатре во општината, главната причина за ваквиот чекор на Лукровски е неговото неснаоѓање со реализацијата на затекнатите проекти. Наместо ветената динамика, Општина Карпош по изборите влезе во фаза на целосна пасивност.
Притисокот од страна на ВМРО-ДПМНЕ се толкува како обид да се сочува политичкиот рејтинг по тешката победа во вториот круг од локалните избори. Партијата вложи огромен напор за Карпош да се најде на листата на освоени општини, но по само шест месеци, се чини дека лошата проценка за капацитетот на кандидатот излегува на површина.
„Ова не е прв пат Лукровски да се обиде да се повлече, но досега секогаш бил поколебуван од партиските авторитети. Овој пат, изворите велат дека тој е категоричен во намерата да замине,“ пишува Рацин.мк.
Доколку оставката стане официјална, Карпош ќе се соочи со нова политичка криза и веројатни предвремени избори за градоначалник. Од Општината сè уште нема официјален демант или потврда за овие наводи.
Останува да се види дали партискиот притисок повторно ќе вроди со плод или Карпош ќе добие нова административна разрешница по само половина година од промената на локалната власт.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

