08 мај 2026
• од Гоце Кически
СДСМ денеска на прес-конференција обвини дека со владата предводена од Христијан Мицкоски економијата оди надолу, а граѓаните се соочуваат со сè повисоки трошоци за живот.
Портпаролката и членка на ИО на СДСМ, Богданка Кузеска, рече дека додека Мицкоски тврди дека Македонија е „трета економија“ во Европа, последните податоци покажуваат инфлација од 5,7 проценти во споредба со истиот месец лани.
Според СДСМ, најголем удар врз граѓаните има поскапувањето на храната, чии трошоци се зголемени за 8 проценти.
„Сè е поскапено, народот едвај врзува крај со крај“, рече Кузеска.
Од партијата посочија дека синдикалната потрошувачка кошничка во април достигнала речиси 69.000 денари, додека граѓаните имаат сè помалку пари и сè потешко го поминуваат месецот.
СДСМ ја обвини владата дека одбила мерки за заштита на животниот стандард, меѓу кои укинување на ДДВ за храната, намалување на ДДВ за горивата на 5 проценти, намалување на цените на патарините и зголемување на минималната плата на 600 евра.
Кузеска рече дека нема помош за ранливите категории, пензионерите, студентите и земјоделците, ниту антикризни мерки.
Од СДСМ тврдат и дека владата доцни со исплатите за социјално и здравствено осигурување поради недостиг на средства во буџетот.
Партијата посочи дека стапката на сиромаштија изнесува 21,9 проценти, што, според нив, значи дека секој петти граѓанин живее под прагот на сиромаштија. Кај многучлените семејства, како што наведоа, сиромаштијата достигнува 54,8 проценти, кај самохраните родители 45,8 проценти, а кај децата и младите до 17 години 29,5 проценти.
„Ова се поразителни податоци и директна последица на неспособната власт на Христијан Мицкоски“, рече Кузеска.
СДСМ дополнително обвини дека за две години власта ги задолжила граѓаните за нови 2,3 милијарди евра и побара одговор каде се потрошени тие средства.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

