07 мај 2026
• од Гоце Кически
Премиерот Христијан Мицкоски испрати јасна порака до граѓаните кои дел од годината работат во странство, оценувајќи дека не може неколку месеци да се придонесува во економиите на други држави, а потоа од македонскиот систем да се очекуваат бесплатни услуги и социјална сигурност.
На прв поглед, пораката звучи како повик за одговорност. Но реалноста на терен е нешто покомплексна — особено ако се земе предвид дека значителен дел од тие сезонски работници се токму млади луѓе, студенти и лица во своите дваесетти години, кои летата ги минуваат работејќи во Грција, Хрватска, Бугарија и други европски туристички центри.
„Не можеме ние континуирано да го трошиме системот, не можеме континуирано да го злоупотребуваме системот и да бараме тој ист систем да ни враќа со најдобри политики, со најдобри услуги. Мораме да сме свесни дека системот сме ние, и каков систем ќе изградиме, така тој систем нас ќе ни врати“, рече Мицкоски.
И токму тука се отвора едно практично прашање: колку од тие млади луѓе, кои физички работат по 10 или 12 часа дневно, навистина претставуваат товар за здравствениот систем? Во најголем дел, станува збор за популација која ретко користи здравствени услуги токму затоа што е млада, работоспособна и, по правило, не е редовен корисник на здравствениот систем.
Дополнително, парите што овие млади ги заработуваат надвор најчесто не остануваат таму. Напротив — најголемиот дел од заштедените средства се враќаат дома. Се трошат во Македонија за школување, кирија, автомобили, реновирање, семејни потреби, локални бизниси, кафулиња, ресторани и секојдневна потрошувачка, практично повторно влевајќи ликвидност во домашната економија.
Затоа, критиката дека тие „го трошат системот“ за многумина звучи како интересна замена на тезите: младите прво заминуваат затоа што дома не можат да заработат доволно, потоа со заработеното од странство се враќаат и трошат токму дома, а на крај добиваат порака дека се дел од проблемот.
„Системот сме ние“, рече премиерот. Можеби токму затоа дел од јавноста прашува — ако системот навистина сме сите, тогаш дали младите кои летата ги минуваат работејќи по европските плажи го исцрпуваат системот… или всушност го одржуваат во живот кога се враќаат дома со својата заработка?
Кузеска: Европа не сака да прими организирана криминална група во својот систем
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

