05 мај 2026
• од Тодор Вангелов
На денешната седница на собраниската комисија беа интервјуирани кандидатите за нови членови на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), во атмосфера обележана со политички тензии и обвинувања за прикривање скандали.
Процесот на селекција следи по оставката на поранешната членка Цвета Ристовска, која дојде откако Левица објави серија наводи за неправилности во работењето на Комисијата.
Пратеничката Јована Мојсоска од Левица на седницата изрази сериозни сомнежи околу интегритетот на една од кандидатките, Катерина Зајковска. Таа посочи дека Зајковска моментално работи во самата Антикорупциска комисија, во секторот за контрола на финансирањето на политичките партии.
Според Мојсоска, спорен е извештајот за претседателската кампања на ВМРО-ДПМНЕ, во кој недостасува страница што се однесува на фирма поврзана со семејството на Ристовска.
„Скандалозно е што токму страницата со фирмата ‘БУСТ ДООЕЛ’ недостасува од извештајот, иако таа фирма добила 2 милиони денари од ДПМНЕ и не била пријавена во анкетниот лист на Цвета Ристовска“, истакна Мојсоска.
Кандидатката Зајковска потврди дека спорната страница недостасува, што дополнително ги засили обвинувањата од Левица дека станува збор за систематско прикривање на информации. Од партијата тврдат дека ова е дел од поширока шема за заштита на поранешната функционерка, која, според нив, претходно штитела високи државни функционери од одговорност.
Од Левица предупредуваат дека изборот на Зајковска би значел продолжување на, како што велат, партизацијата на Антикорупциската комисија.
„Тенденцијата е очигледна – повторно да се воспостави контрола врз оваа институција. Ако Зајковска биде избрана, Комисијата ќе биде целосно заробена од власта, додека веќе две години сведочиме како таа наместо да се бори против корупцијата, станува нејзин заштитник“, соопштија од партијата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

