05 мај 2026
• од Темелко Тошев
Две ескадрили повеќенаменски ловци се неопходни за целосно исполнување на задачите на бугарските Военновоздушни сили (ВВС), изјави командантот на ВВС, генерал-мајор Николај Русев. Тој ги отфрли тврдењата дека 16 авиони би биле доволни за потребите на земјата.
„Сакам да демантирам некои тврдења дека 16 авиони се сосема доволни. Ќе дадам пример со соседните земји – зошто тие располагаат со значително поголем број ловци, а ние би се потпирале само на 16? Една ескадрила не е доволна за заштита на Бугарија“, нагласи Русев.
Тој посочи дека Турција располага со околу 315 борбени авиони, вклучувајќи F-16 и F-4 „Фантом“, како и дека очекува нови „Еврофајтер“ летала. Грција има околу 242 авиони, меѓу кои и „Рафал“, додека Романија и Полска исто така инвестираат во модернизација со F-16 и F-35.
Генерал-мајор Русев потврди дека ловците F-16 ќе учествуваат на утрешната воена парада. Во моментов Бугарија располага со осум авиони од овој тип, а се очекува испорака на уште осум.
Во однос на пилотите, Русев истакна дека шестмина веќе се обучени и оперативни, додека уште еден пилот наскоро ќе им се приклучи. „Овие пилоти не се во фаза на обука, туку веќе го користат авионот како борбено средство“, рече тој. Според него, до ноември бројот на обучени пилоти треба да достигне 12, иако процесот е бавен бидејќи обуката се спроведува според американски програми во САД.
Командантот додаде дека F-16 ќе може да преземе дел од дежурствата откако ќе биде целосно опремен и кога првиот договор ќе биде реализиран во целост. „Тогаш ќе инсистирам авионот да влезе во редовно дежурство и да го сподели товарот со постојните сили“, рече Русев.
Во однос на противвоздушната одбрана, генерал-мајорот информираше дека од планираните шест зенитно-ракетни системи, засега има договор само за еден. Останатите се очекува да бидат финансирани преку европскиот механизам SAFE. Дополнително, постои проект за набавка на седум радари, но сè уште нема потпишани договори.
„Се надевам дека во рок од две години Бугарија ќе го добие првиот зенитно-ракетен комплекс и дека нема да се запре процесот на модернизација. Исклучително е важно да ја замениме застарената техника“, истакна Русев.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

