04 мај 2026
• од Тодор Вангелов
Сè уште не е формирана новата влада во Бугарија, а премиерот Христијан Мицкоски веќе најавува заострување на климата меѓу двете земји, реагираат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека ваквите најави се директен сигнал дека власта нема намера да продолжи со европските интеграции.
„Ако ова го очекува и јавно го најавува, тогаш не мораме да чекаме јуни. Нека каже веднаш: нема ништо од ЕУ интеграциите“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, со ваква политика не може да има ниту нормални добрососедски односи. Тие обвинуваат дека Мицкоски не само што тврди дека односите со Бугарија нема да се подобрат, туку отворено најавува нивно дополнително влошување.
„Тоа значи дека тој самиот, како што правеше и досега, активно ќе работи на продлабочување на кризата. Кампањата за предизвикување конфликт со Бугарија ја започна“, се наведува во реакцијата.
СДСМ повторува дека Мицкоски, според нив, не сака да го продолжи европскиот пат на земјата, бидејќи, како што велат, европските интеграции значат крај за криминалот и корупцијата.
„Тој е на власт, а ја обвинува опозицијата за лошите односи“, додаваат од партијата.
Од СДСМ инсистираат дека Македонија мора да продолжи по европскиот пат. Според нив, внесувањето на правата на националните малцинства во Уставот не е билатерално бугарско прашање, туку основен услов поставен од Европската Унија.
„ЕУ јасно кажа дека без исполнување на тој услов нема продолжување на преговорите“, нагласуваат од СДСМ.
Партијата оценува дека, без исполнување на овој услов, бесмислено е да се зборува за останатите точки од реформскиот план. Од СДСМ дополнително обвинуваат дека власта го приватизирала правосудството, а слободата на медиумите, како што наведуваат, е доведена во прашање поради политички влијанија.
„Македонија заслужува подобра иднина, а Европа нема алтернатива“, порачуваат од СДСМ.
Во реакцијата се додава дека, според партијата, актуелната власт мора да понесе одговорност за штетите што, како што велат, ѝ ги нанесува на државата и на граѓаните.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

