04 мај 2026
• од Тодор Вангелов
Раде Ристовски, член на поширокото обезбедување на премиерот Христијан Мицкоски, односно дел од таканаречената претходница, доби осум дена притвор по пријава за семејно насилство. Неговата сопруга пријавила дека била физички нападната во семејниот дом.
Информацијата за ТВ 24 ја потврдија извори од Кривичниот суд, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, како и од Министерството за внатрешни работи. Триесет и деветгодишниот Ристовски е отстранет од работното место, а за делото за кое се товари му се заканува казна затвор од шест месеци до три години.
Според член 130 став 1 од Кривичниот законик, тој што телесно ќе повреди друго лице или ќе му го наруши здравјето, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. Во став 2 од истиот член е предвидено дека доколку делото е сторено при вршење семејно насилство, сторителот ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.
Според билтенот на МВР, настанот се случил во саботата, на 2 мај.
„На 2 мај во 23 часот, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Р.Р. од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од неговата 37-годишна сопруга. Таа пријавила дека во семејниот дом била физички нападната, дека ѝ биле упатени закани и дека ѝ бил оштетен мобилниот телефон“, стои во соопштението на МВР.
ТВ 24 побара став и од Владата. Оттаму наведуваат дека лицето за кое станува збор не е дел од непосредното обезбедување на премиерот.
„Лицето за кое станува збор не е дел од непосредното обезбедување на премиерот, туку е ангажирано во поширокиот безбедносен опфат околу заштитата на личности во рамките на системот на Министерството за внатрешни работи. Важно е да се нагласи дека институциите постапија веднаш и согласно законските процедури. Ова е јасен показател дека системот функционира неселективно и дека законите важат подеднакво за сите, без разлика на позицијата, функцијата или ангажманот“, велат од Владата.
Освен прашањето за одговорноста во конкретниот случај, фактот дека Ристовски бил дел од поширокото обезбедување на премиерот отвора и дополнителни прашања за ветингот на лицата ангажирани во безбедносниот систем, како и за стандардите, проверките и дисциплинската одговорност кај лица што извршуваат чувствителни безбедносни задачи.
Истата ноќ, на 2 мај, МВР соопшти дека биле регистрирани вкупно четири пријави за семејно насилство, при што три лица биле лишени од слобода. Меѓу пријавените случаи имало напади врз сопруги, напад врз невенчана сопруга и бебе, како и семејна пресметка во скопско.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

