06 мај 2026
• од Гоце Кически
Италијанската премиерка Џорџа Мелони остро ги осуди лажните фотографии од неа создадени со вештачка интелигенција, нарекувајќи ги дипфејковите „опасна алатка“ што може да измами, манипулира и да наштети на секого.
Мелони во вторникот на своите профили на социјалните мрежи објави една од лажните фотографии, за која рече дека во изминатите денови кружела на интернет. На сликите, кои се претставувале како вистински, таа е прикажана во оскудна долна облека.
„Овие денови кружат неколку лажни фотографии од мене, генерирани со вештачка интелигенција и претставени како вистински од некој ревносен противник“, напиша Мелони на платформата X.
Премиерката објави и коментар од корисник на социјалните мрежи кој, според неа, поверувал дека фотографијата е автентична. Корисникот напишал дека нејзиното појавување во таква облека е „срамно и недостојно за институционалната функција што ја извршува“.
„Проверете пред да поверувате, и размислете пред да споделите. Бидејќи денес ова ми се случува мене; утре може да му се случи секому“, порача Мелони.
Ова не е првпат италијанската премиерка да биде цел на сексуализирани монтирани содржини. Минатата година на порнографска веб-страница се појавија изменети фотографии од Мелони и други познати жени.
Како одговор на ваквите случаи, италијанската влада усвои закон со кој се криминализираат дипфејк содржини што предизвикуваат „неправедна штета“ на лицето што е прикажано.
Во 2024 година, Мелони тужеше двајца мажи и побара отштета од 100.000 евра, обвинувајќи ги дека изработиле лажни видеа од неа и ги објавиле на американска порнографска веб-страница.
Жените во политиката ширум светот сè почесто стануваат жртви на дипфејк порнографија и сексуализирани слики генерирани со вештачка интелигенција.
„Дипфејковите се опасна алатка, бидејќи можат да измамат, манипулираат и да таргетираат секого. Јас можам да се бранам. Многу други не можат“, изјави Мелони.
Кузеска: Европа не сака да прими организирана криминална група во својот систем
Зеленски ја обвини Москва за „краен цинизам“ по смртоносните руски напади врз Украина
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

