06 мај 2026
• од Тодор Вангелов
Левица поднела барања за пристап до информации од јавен карактер до надлежните институции во врска со активностите во каменоломот лоциран меѓу селата Пагаруша и Вртекица, по укажувања и поплаки од локални жители.
Од партијата соопштуваат дека, според информациите доставени од засегнатото население, постојат сериозни сомнежи дека во каменоломот се врши или се подготвува нелегална експлоатација на материјал. Како што наведуваат, ископаниот материјал наводно би се транспортирал до индустриски капацитет во Драчево, наменет за производство на градежен малтер.
Левица дополнително предупредува дека транспортот, според укажувањата од жителите, би се одвивал низ селото Пагаруша, по локален пат кој, како што тврдат, е во исклучително лоша состојба и не бил одржуван со децении. Според партијата, за патот досега се грижело единствено локалното население.
Од Левица потсетуваат дека, согласно законските прописи, концесионерот е должен да обезбеди соодветна инфраструктура за транспорт, вклучително и пристапен пат што ги исполнува техничките стандарди за носивост и безбедност. Партијата наведува дека концесионерот не смее да предизвикува оштетување на јавната инфраструктура и мора да има одобрение од надлежниот орган кој стопанисува со патот — Министерството за транспорт, Јавното претпријатие за државни патишта или, доколку станува збор за локален пат, Општина Студеничани.
„Доколку постојната инфраструктура не ги исполнува условите за транспорт на тешки товарни возила, концесионерот е должен да изврши реконструкција и проширување на патот или да изгради посебен индустриски пристап“, се наведува во партиското соопштение.
Левица бара од надлежните институции да одговорат дали постои валидна концесија за експлоатација на овој каменолом, дали се обезбедени сите потребни дозволи и дали се почитуваат законските обврски во однос на инфраструктурата, јавниот интерес и заштитата на животната средина.
Партијата ги повикува инспекциските служби и Министерството за внатрешни работи итно да постапат, да извршат теренски увид и целосно да ги расчистат дилемите поврзани со случајот.
„Жителите на Пагаруша и Вртекица имаат право на безбедна животна средина и заштита од евентуални незаконски и штетни активности“, порачуваат од Левица.
Кузеска: Европа не сака да прими организирана криминална група во својот систем
Зеленски ја обвини Москва за „краен цинизам“ по смртоносните руски напади врз Украина
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

