26 мај 2026
• од Темелко Тошев
Снимката која стана вирална на социјалните мрежи фрла ново светло врз старата болка на граничните премини – корупцијата. Инцидентот, кој според објавата се случил на граничниот премин помеѓу Србија и Северна Македонија, започнал како рутинска контрола, но завршил со несекојдневен предлог.
Според сведоштвото од видеото, проблемот настанал кога службеникот утврдил дека на патниците им недостасува соодветна документација за сопственоста на возилото со кое управувале. Првичниот одговор бил дециден: влезот во државата е забранет.
Но, како што открива аудио-снимката од разговорот на патниците во автомобилот, службеникот набрзо „се премислил“ и понудил алтернативно, незаконско решение за да им се прогледа низ прсти.
„Не ни кажаа точна сума, само рекоа да оставиме нешто за кафе во тоалетот“, може да се заклучи од разговорот меѓу патниците кои биле видно збунети од ситуацијата.
Наместо директно примопредавање на парите на шалтерот, планот бил сумата да биде оставена во тоалетот на граничниот премин – место кое е надвор од досегот на безбедносните камери кои го снимаат сообраќајот.
Лицето кое отишло да го плати овој неформален „данок“, во самото видео објаснува дека чинот на оставање на парите во тоалетот не го документирал со својот мобилен телефон од безбедносни причини. Иако самиот момент на предавање на митото не е визуелно регистриран, деталниот разговор и текот на настаните индицираат сериозна злоупотреба на службената положба.
Ваквите сведоштва на социјалните мрежи предизвикуваат лавина од негативни коментари и ја поткопуваат довербата во граничните служби.
Јавноста сега е во исчекување на официјален став. На потег се Царинската управа и Министерството за внатрешни работи (МВР), од кои се очекува детално да го истражат случајот, да го лоцираат точниот премин, времето на настанот и лицата кои биле во смена, за да се утврди одговорност и да се санкционира ваквото однесување.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

