03 септември 2026
• од Темелко Тошев
Новата учебна година ги дочека учениците и наставниците со веќе добро познатите предизвици – лоши резултати на тестирањата, загрижувачки демографски пад кој ги празни училишните клупи и обиди за дигитализација кои се одвиваат со бавно темпо.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, ги потврди слабите резултати на учениците, кои се нотирани како на домашните, така и на меѓународните тестирања, вклучително и во релевантните истражувања на Обединетите нации. Иако надлежните уверуваат дека активно се преземаат мерки за подобрување на квалитетот, ефектите нема да бидат видливи преку ноќ.
„Мерките ги преземаме, но резултатите од она што денес го работиме во образованието не можеме да ги чекаме од денес за утре. Тие ќе дојдат најрано по пет-шест години, а оптимално по девет до десет години“, изјави министерката Јаневска.
Наодите на УНИЦЕФ се алармантни: македонските ученици се наоѓаат под светскиот просек на знаење. Податоците говорат дека само 34 отсто од учениците го достигнуваат основното ниво по математика. Од друга страна, експертите посочуваат дека Македонија има мотивиран наставен кадар, кој за жал, работи со најниски плати во целиот регион.
Во обид да се реши овој проблем и да се задржи мотивацијата, постигнат е договор со СОНК со кој се гарантира континуиран раст на примањата на наставниците. „Во овој случај тие се безбедни и не треба да стравуваат, платите ќе се покачуваат секоја година. Следната година во март повторно ќе има покачување на платите на наставниците“, нагласи Јаневска, додавајќи дека ова става крај на неизвесноста и штрајковите од минатото.
Освен со квалитетот на наставата, образовниот систем мака мачи и со демографијата. Бројката на запишани ученици во прво одделение континуирано опаѓа од година во година. Овој тренд доведе до затворање на дури 26 подрачни училишта низ државата само оваа година.
Според Министерството, ваквиот непопуларен потег бил неопходен за децата од овие населени места да добијат подобри просторни услови за учење и вистинска можност за социјализација со своите врсници во централните училишта.
Дигитализацијата, која во светот одамна е стандард, кај нас полека се пробива низ системот. Додека вештачката интелигенција е сè уште мисловна именка во нашите училници, направени се мали чекори, како доделувањето на 30 таблети за учениците од четврто одделение во ООУ „Љубен Лапе“. Сепак, останува прашањето дали темпото на опремување на училиштата е доволно брзо за да ги подготви новите генерации за дигиталното доба.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

