07 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби својот 49. роденден го дочека во куќен притвор. Додека тој ја чека одлуката на Обвинителството дали ќе биде поднесено обвинение за милионската проневера во Државната лотарија, неговите поддржувачи му приредија јавна роденденска честитка во центарот на Скопје.
По повод неговиот роденден, социјалните мрежи беа полни со честитки од неговите симпатизери, но поддршката излезе и на улиците. На надвозникот кај трговскиот центар „Мавровка“, во непосредна близина на плоштадот „Скендербег“, осамна транспарент со пораката: „Среќен роденден кралу“, по што следуваше и дополнителната порака: „Кралот е назад“.
Овие пораки доаѓаат по неодамнешното враќање на Груби во земјава, откако помина 14 месеци во соседно Косово. Тој ја напушти државата кога во декември 2024 година се отвори истрагата за случајот со Државната лотарија.
Бидејќи по него беше распишана меѓународна потерница, по враќањето тој беше веднаш приведен на граничниот премин и со лисици на рацете спроведен во истражниот затвор „Скопје“ во Шутка.
Престојот на поранешниот вицепремиер во затворската ќелија, сепак, траеше само неколку часа.
Откако Груби посочил дека не се чувствува безбедно зад решетки, надлежните институции направија брза проценка. Врз основа на истата, судија на претходна постапка донесе одлука мерката ефективен притвор да му биде заменета со куќен притвор, каде што тој сега го прослави и својот роденден.
Основното јавно обвинителство го сомничи Артан Груби за сериозно кривично дело – „проневера во службата“ според член 354 од Кривичниот законик. Случајот се однесува на финансиски малверзации во Државната лотарија тешки 8,2 милиони евра.
Истражната постапка е сè уште во тек, а Обвинителството засега нема соопштено дали и кога ќе биде поднесен официјален обвинителен акт против поранешниот висок владин функционер.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

