05 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Иако тутунопроизводителите ги очекуваа своите пари во првата недела од јуни, како што претходно беше ветено, тие ќе мора да почекаат. Наместо прилив на банкарските сметки, тутунарите добија извинување.
Наместо Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) излезе со официјално соопштение и објаснување за доцнењето, непријатната вест ја соопшти претседателот на Сојузот на тутунски здруженија, Кире Ристевски.
Ристевски јавно им се извини на производителите и уверува дека парите ќе бидат префрлени наскоро, но со задоцнување од десетина дена.
„Исплатата на субвенциите ќе биде пролонгирана. Ја користам приликата да им се извинам на тутунопроизводителите што ќе закаснат субвенциите за 10 до 15 дена. Тие ќе бидат исплатени во целост, најдоцна до средината на месецот“, изјави Ристевски, пренесува Журнал.мк.
Според првиот човек на Сојузот на тутунски здруженија, кочницата за исплатата не е недостиг на средства, туку административен процес за „спасување“ на дел од тутунарите кои направиле прекршоци.
Имено, пролонгирањето се должи на решавање на случајот со 91 тутунар кои, поради неправилности во прикажувањето на парцелите со тутун, првично требаше да ги вратат субвенциите за 2024 година. Оправдувањето е дека се работело на тоа овие пари да им бидат простени, што го забавило целиот процес на исплата за сите останати земјоделци.
Она што дополнително ги револтира тутунопроизводителите е фактот што ресорното министерство (МЗШВ) реши да молчи и да не даде официјално образложение за пробивањето на претходно најавениот рок (првата недела на јуни). Наместо државните институции, синдикалните водачи ја презедоа улогата на гласноговорници за лошите вести.
Тутунарите, кои зависат од овие средства за да ја подготват новата реколта и да ги покријат тековните трошоци, сега се оставени да чекаат до средината на месецот, со надеж дека ова ќе биде последното пролонгирање.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

