27 јули 2026
• од Темелко Тошев
По серијата лабораториски испитувања, водата во Гостивар е оценета како безбедна за техничка употреба. Ова значи дека граѓаните можат непречено да ја користат за капење, миење садови и останати домашни потреби, но таа сè уште не се препорачува за пиење и подготовка на храна. Оваа информација денеска ја соопшти министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
На денешната прес-конференција, министерот нагласи дека дистрибуцијата на флаширана вода за граѓаните ќе продолжи сè додека не се добие потврда дека водата од водоводот е целосно безбедна за консумирање.
„Во постојана координација сме со локалната самоуправа за сите наредни чекори. Упатувам благодарност до граѓаните на Гостивар за трпението и разбирањето, како и до сите стручни лица кои работеа на надминување на состојбата. Се надевам дека ова ќе биде поука за сите надлежни, бидејќи здравјето на граѓаните не смее да биде доведено во прашање“, изјави Тошковски.
Експертите информираат дека во изминатите три дена биле анализирани шест примероци земени од различни локации, при што сите покажале дека водата ги исполнува условите исклучиво за техничка употреба.
Контролите ќе продолжат и во наредниот период преку дополнителни анализи на повеќе мерни точки низ Гостивар. Надлежните институции очекуваат дека доколку резултатите останат позитивни, водата наскоро повторно ќе биде дозволена за пиење. До тогаш, се апелира до граѓаните да ја користат исклучиво за технички потреби.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

