29 октомври 2026
• од Елена Иванова
Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, предупреди дека спојувањето на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање без независен надзор може да концентрира преголема моќ во рацете на власта. Според него, таквиот безбедносен апарат би можел да се користи за политичка контрола, следење и заплашување на граѓаните, наместо за нивна заштита.
На собраниската седница за пратенички прашања, Трајчулески го праша премиерот Христијан Мицкоски дали Владата ќе се откаже од спојувањето. „Македонија не смее да си дозволи уште едно искуство во кое службите ќе станат инструмент на владејачката партија, а граѓаните ќе станат предмет на следење, притисок и заплашување. Нашата држава веќе ја плати цената на злоупотреба на безбедносниот апарат, и тоа двапати, и двата пати во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Трајчулески.
Тој посочи дека случаите на незаконско прислушување довеле до длабока политичка и институционална криза и ја нарушиле довербата во институциите. Трајчулески побара и објаснување зошто Владата предлага укинување на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, за кој, според него, во образложението се наведува дека е усогласен со европските и НАТО-стандардите. Наместо укинување, тој повика да се отстранат слабостите во спроведувањето на законот и да се обезбеди независен демократски надзор, објави Скопје1.мк.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

