08 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во опсежно интервју за реномираниот српски магазин „Недељник“ изнесе сериозни тврдења за регионалната поврзаност на десничарските влади, откривајќи сознанија дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски, покрај унгарското, се стекнал и со српско државјанство.
Според Филипче, актуелната влада во Скопје предводена од Христијан Мицкоски користи методи на владеење кои им се многу добро познати на граѓаните на Србија – корупција, силен притисок врз медиумите, целосна контрола врз судството и обвинителството, како и препознатливото етикетирање на неистомислениците како „предавници“.
Филипче во интервјуто директно ја посочува поврзаноста на политичкиот врв во Будимпешта, Белград и Скопје кога е во прашање заштитата на Никола Груевски.
„Имаме јасни информации дека Никола Груевски има унгарско државјанство, а имаме и сознанија дека тој добил и српско државјанство. Виктор Орбан му додели унгарско државјанство во 2022 година, додека српско државјанство добил од Вучиќ“, изјави лидерот на СДСМ за „Недељник“.
Оваа регионална соработка, според Филипче, се пресликува и во медиумскиот простор каде што луѓе блиски до Орбан контролираат значаен дел од македонските медиуми, додека Вучиќ и Мицкоски заеднички координираат антиевропска пропаганда.
„Мицкоски е најблискиот сојузник на Орбан на Балканот, додека Вучиќ служи како негов заштитник“, додава тој, потенцирајќи дека оваа десничарска оска е сериозно потресена по изборната победа на Петер Маѓар во Унгарија.
Разоткривањето на аферите од страна на Маѓар во Унгарија – перењето пари, контролата на медиумите и корупцијата – Филипче очекува да има директно и домино-влијание и врз политичката сцена во Северна Македонија и Србија.
Осврнувајќи се на актуелната состојба дома, претседателот на опозицијата слика алармантна ситуација во која државните институции се целосно партизирани.
„Северна Македонија е во политичка, економска и длабока морална криза. Мицкоски и неговото опкружување свесно ја држат земјата изолирана за да ги избегнат европските стандарди и одговорноста“, предупредува Филипче.
Дека предупредувањата на опозицијата се реални, стигнуваат потврди и од Европската Унија. Филипче потсети на неодамнешниот извештај на известувачот на ЕП за Северна Македонија, Томас Вајц, каде што јасно се нотираат манипулации преку „странско злонамерно мешање и дезинформациски кампањи“. Ова, вели тој, е силен доказ за поврзаноста на ВМРО-ДПМНЕ со СНС на Александар Вучиќ.
Иако во моментов нема масовни граѓански протести како во периодот на „Шарената револуција“ бидејќи, како што оценува Филипче, луѓето се исцрпени и разочарани, тој нагласува дека СДСМ интензивно работи на разоткривање на криминалот.
Специјалниот Антикорупциски тим (АКТ) на партијата веќе има обелоденето скандали чија вкупна вредност изнесува околу 1,1 милијарда евра, во кои е вклучен и контроверзниот унгарски кредит. Сепак, Филипче заклучува дека поради заробеноста на судството и обвинителството, ниту еден од овие случаи сè уште нема добиено соодветна институционална и правна разрешница.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

