30 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Жителите на селото Мерово се соочуваат со сериозен егзистенцијален проблем. Среде лето, кога температурите достигнуваат до 40 степени Целзиусови, тие се оставени без основното средство за живот – водата за пиење.
„Главен извор на вода за жителите на селото Мерово се бунарите, но и јавните чешми за кои воопшто не се знае дали се безбедни за пиење. Ситуацијата се влошува уште повеќе во текот на летната сезона, кога си доаѓаат и иселениците, и кога овие јавни чешми и бунари почнуваат да пресушуваат“, известува новинарот Башким Сулејмани.
Мештаните велат дека овој проблем датира уште од 90-тите години. Од тогаш до денес, се смениле многу градоначалници, но трајно решение сè уште нема.
„Уште од 98-та година... Отворија еден бунар, направија канализација и така остана. Минатата година дојдоа повторно и работеа нешто, но колку и како – не знаеме. Ништо не знаеме. Некои се снаоѓаат со бунарите, но не знаеме дали таа вода е безбедна. Водата од општината сè уште не е стигната во куќите; не сме излегле да видиме, само слушаме дека нешто се работи“, вели еден од револтираните жители на Мерово.
Друг жител објаснува како секојдневно се снаоѓаат за да преживеат во овие пеколни температури:
„Вода дома имаме само од бунарите и од маалото. Цевките се поставени, па сега чекаме да се пушти водата. Некој направил анализи – некаде е чиста, некаде не, но барем наоѓаме некое привремено решение колку да поминеме. Веруваме дека ќе се среди водоводот бидејќи ни дадоа надеж.“
Општина Желино веќе со месеци го работи проектот за водоводната мрежа во Мерово, но тој никако да биде финализиран. Градоначалникот повторно даде ветување дека е прашање на недели кога жителите конечно ќе добијат чиста вода за пиење во своите домови.
„За Мерово не е дека некогаш сме ја пуштиле водата, ние работевме и постојано кажувавме дека се работи на терен. Во рок од две недели очекуваме да го пуштиме водоводот во употреба. Имавме некои дефекти околу приклучувањето на електричната мрежа, бидејќи преносот на водата таму ќе се одвива со помош на електрична енергија (пумпи)“, изјави Блерим Сејдиу, градоначалник на Општина Желино.
До конечното решавање на овој горлив проблем, жителите остануваат да бараат спас преку отворање на нови приватно бунари и собирање на планинска вода за создавање импровизирани извори. Сепак, како што и самите велат, анализите често покажуваат дека таа вода не е безбедна за пиење.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

