02 октомври 2026
• од Гоце Кически
Министрите за енергетика на Северна Македонија, Бугарија, Грција и Србија идната недела ќе одржат втор министерски самит, на кој ќе се разговара за поголема енергетска сигурност, подобра регионална поврзаност и забрзување на стратешките инфраструктурни проекти, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Од Министерството наведуваат дека средбата е продолжение на првиот министерски самит одржан на 15 мај во Атина, кога било договорено енергетската сигурност и отпорноста на системите да се третираат како заеднички регионален приоритет.
„Во Атина беше нагласена потребата од подобра прекугранична поврзаност, интеграција на енергетските пазари и побрза реализација на стратешката инфраструктура“, се наведува во соопштението.
Министерството посочува дека дел од иницијативите во меѓувреме веќе преминале од планови кон конкретна реализација. За Македонија, еден од најважните проекти е гасното поврзување со Грција, кое треба да овозможи пристап до повеќе извори и правци за снабдување.
„Интерконекторот Македонија–Грција е еден од стратешките проекти за диверзификација на снабдувањето со природен гас и отворање пристап до повеќе извори и правци преку грчкиот систем“, соопшти Министерството.
Проектот има планиран почетен капацитет од 1,5 милијарди кубни метри гас годишно, а изградбата е во тек. Според Министерството, целта е интерконекторот да биде завршен во 2027 година.
Особено значење се придава и на проширувањето на Вертикалниот гасен коридор, кој ги поврзува Грција, Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, Украина и Молдавија.
Од Министерството велат дека целта е да се овозможат „поголеми и пофлексибилни прекугранични текови на гас, подобро искористување на постојната инфраструктура и дополнителни можности за снабдување од југ кон север“.
Ваквото поврзување е важно и за Украина и за земјите од Европската Унија, бидејќи отвора дополнителни правци за транспорт на енергенси од јужниот дел на Европа кон Централна и Источна Европа.
Во соопштението се наведува дека во рамките на иницијативата веќе се работи на усогласување на капацитетите на интерконекциските точки, техничката координација и потребните инфраструктурни инвестиции.
На самитот ќе се разговара и за електроенергетските мрежи. Министерството најавува теми поврзани со сигурноста на снабдувањето со електрична енергија, прекуграничната размена, обновливите извори и системите за складирање енергија.
„Новите соларни и ветерни капацитети бараат посилни мрежи, поголема флексибилност и можност произведената енергија да се складира и пренесува таму каде што е потребна“, наведуваат од Министерството.
Дополнително ќе се разгледува интеграцијата на регионалните пазари на електрична енергија и заедничкото справување со ризиците во снабдувањето.
Како дел од поширокото регионално поврзување, Министерството го посочува и планираниот гасен интерконектор со Србија. Македонскиот дел треба да биде долг 22,4 километри и да има двонасочен проток, со што ќе се создаде дополнителна врска кон север.
Според Министерството, целта на вториот самит е договорените приоритети од Атина да добијат поконкретни рокови и чекори за реализација, со акцент на поголема енергетска сигурност, диверзификација и подобра поврзаност на Југоисточна Европа.
МВР уапси 20 лица во акции против дрога, запленети 680 килограми марихуана
ЕУ со над 700.000 евра поддржа нова градинка во Пршовце, запишани 120 деца
Трговскиот дефицит на Северна Македонија порасна на 148,9 милијарди денари
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

