10 мај 2026
• од Темелко Тошев
Опозициската Демократска унија за интеграција алармира за нов, директен институционален напад врз албанскиот јазик. Според партијата, вицепремиерот Иван Стоилковиќ наредил целосно отстранување на натписите и идентификациските ознаки на албански јазик од објектот на Агенцијата за примена на јазиците.
Бришење на институционалниот идентитет
Од седиштето на ДУИ во Мала Речица велат дека ова не е изолиран инцидент, туку дел од координиран проект за маргинализација на Албанците. Тие додаваат дека по притисоците врз администрацијата и обидите за иселување на Агенцијата, сега започнаа конкретни акти на бришење на албанскиот институционален идентитет. Под смешното образложение за реновирање, се отстрануваат таблите на албански јазик. Според партијата, ова е јасен план за протерување на оваа клучна институција уште од првите денови на оваа влада.
ВЛЕН – Од соучесници до потчинети
Најголемиот гнев на интегративците е насочен кон коалицијата ВЛЕН, која е дел од власта. ДУИ ги обвинува своите политички опоненти за сервилност и предавство на националните интереси. Тие сметаат дека тишината од страна на албанските партнери во владата не е само неспособност, туку директно соучество. Партијата тврди дека ВЛЕН дозволува понижување на албанскиот народ за да си ги зачуваат фотелјите. ДУИ се децидни дека албанскиот јазик е уставна категорија и стекнато право кое не смее да биде предмет на политички пазарења.
Јазикот не е декор
Албанскиот јазик не е декор што може да се трга и става по наредба на Стоилковиќ и со премолчена согласност на ВЛЕН. Тоа е наша црвена линија која нема да дозволиме да биде премината, порачуваат од ДУИ. Засега нема официјална реакција ниту од кабинетот на вицепремиерот Стоилковиќ, ниту од претставниците на ВЛЕН во врска со овие сериозни обвинувања за деградација на службената употреба на јазикот.
Кошта до Македонците: Ве чекаме во ЕУ, време е да се впишат Бугарите во Уставот
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

