28 август 2026
• од Темелко Тошев
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски упати остра критика кон актуелната политика на земјава во однос на евроинтеграциите, посочувајќи дека државата се става во апсурдна позиција да ѝ диктира услови на Европската Унија и на Бугарија, наместо да ги исполнува преземените обврски.
Анализирајќи го политичкиот дискурс во земјава, Георгиевски забележува своевидна негативна „еволуција“ во македонските позиции кон преговарачката рамка. Тој потсетува дека првичниот наратив на политичките фактори бил значително поразличен од денешниот.
„На почетокот не ни пречеше Бугарите да влезат во Уставот, туку проблем ни беа протоколите. Подоцна имавме еволуција, па и самиот влез на Бугарите во Уставот ни стана проблем, заедно со протоколот. Сега, во последните месец-два, слушаме една најнова позиција каде што ние наметнуваме услови на Европската Унија и на Бугарија“, посочува Георгиевски.
Според него, барањата што сега се испорачуваат од македонска страна – како условот Бугарија да ги признае организациите на Македонците таму или Европската Унија да даде дополнителни цврсти гаранции за македонскиот идентитет – се нереални во дадениот контекст.
„Значи, ние сме сега тие кои де факто ѝ поставуваме услови на Европската Унија, ако сакаме да одиме понатаму“, додава тој, потенцирајќи ја нелогичноста на ваквиот пристап.
Оваа константна промена на ставовите и поставувањето на нови услови, според Георгиевски, е јасен индикатор за отсуство на јасна визија и стратегија кај оние кои се најодговорни за европскиот пат на државата.
„Сето тоа зборува дека во овој момент нема сериозна политика да се пробие оваа последна стапка и да почнеме со нашата финална евроинтеграција, освен ако не се случува нешто зад кулисите за кое ние не знаеме“, заклучува поранешниот премиер.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

