07 септември 2026
• од Темелко Тошев
Србија не може да организира државен погреб за „касап“ како што е Ратко Младиќ, изјави албанскиот премиер Еди Рама за време на меѓународен форум во Чернобио, Италија.
Зборувајќи на панелот „Агенда за Европа“, Рама ги коментираше односите на Србија со Европската Унија, како и намерите поранешниот командант на силите на босанските Срби да биде испратен со државни почести.
„Знам дека Србија е многу интересно и чудно 'животно' во балканската 'џунгла'. Но, што е подобро? Да седне со нас на маса и да ѝ кажеме: 'Не, ти не можеш да направиш државен погреб за еден касап', или да ја оставиме таму, во несигурни води, и да создадеме една целосно шизофренична ситуација меѓу Европа, Кина, Русија и не знам што уште“, истакна Рама.
Неговата изјава доаѓа во контекст на дебатата за европската перспектива на Србија и односите на Белград со ЕУ, Русија и Кина.
Ратко Младиќ почина на 27 август во затворот во Хаг. Поранешниот командант на војската на босанските Срби отслужуваше доживотна казна затвор за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина (1992-1995).
Посмртните останки на Младиќ беа транспортирани во Белград со владин авион, а во саботата во српскиот главен град се одржа комеморативна церемонија на која присуствуваа официјални претставници. Погребот на Младиќ е закажан за понеделник на Топчидерските гробишта во Белград.
Иако првично беше најавено дека тој ќе биде погребан со највисоки воени и државни почести, српскиот претседател Александар Вучиќ подоцна појасни дека само семејството на Младиќ може да одлучи како и каде ќе биде погребан. Вучиќ, исто така, соопшти дека нема да присуствува на погребот поради службени обврски.
Претходно, Европската Унија и Хрватска остро ја предупредија Србија да не го погребува Младиќ со државни почести.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

