16 мај 2026
• од Темелко Тошев
Поранешниот професор и дипломат Љубомир Фрчкоски, во своето гостување во подкастот “Walk the walk, talk the talk”, упати жестоки критики до премиерот Христијан Мицкоски во врска со неговата неодамнешна изјава за македонските граѓани кои се иселуваат од државата.
Фрчкоски изјавата на премиерот ја оцени како шокантна и недопустлива, нагласувајќи дека таа не ги погодува само оние кои заминале, туку директно го навредува карактерот на целата нација.
„Ме вознемири една вест на нашиов премиер, кој скина една таква неверојатна зелена, која не се однесува само на луѓето што ги избркаа, туку на карактерот на нацијата која ја води“, вели Фрчкоски во подкастот.
Фрчкоски посебно се осврна на реториката на премиерот, кој, според него, иселениците ги етикетирал како луѓе од маргините кои наводно биле изманипулирани од надворешни влијанија. Тој изрази неверување за начинот на кој власта гледа на младите и образовани луѓе кои бараат подобра иднина во странство.
„Следеше една сосема недозволена изјава во смисла дека тие се најголем дел маргиналци кои – замислете, авангардните либерали, поим нема што зборува – ги завеле со некакви ветувања за подобар живот таму, а за лош живот овде. Тоа е изјава од човек кој треба да ја води оваа држава, а кој нема поим за што збори“, дециден е тој.
Според Фрчкоски, проблематичен е и моралниот аспект на изјавата на Мицкоски, со која луѓето кои заминале практично се претставени како неуспешни, со наратив дека во странство ќе живеат во лоши услови и ќе се вратат понижени.
„Правејќи ги пропаднати животи, правејќи ги маргиналци кои ќе завршат во соби со цимери и кои потоа, нели, понижени ќе се вратат назад освестени, веројатно, за печалбата... Тоа, прво, е недопустиво од морален аспект“, нагласува Фрчкоски.
Во контекст на ваквите ставови на премиерот, Фрчкоски со доза иронија ја спомена и неговата советничка, професорката Тања Каракамишева, правејќи паралела меѓу нивните јавни изјави на темата иселување.
„Можел да праша, на пример, можел да ја праша онаа негова советничка Каракамишева. Таа барем даде помека изјава – дека луѓето одат надвор поради љубов. Видете, изгубена е и таа, ама барем е помека изјава од онаа на нејзиниот премиер“, заклучува Фрчкоски во своето излагање во подкастот “Walk the walk, talk the talk”.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

