11 мај 2026
• од Темелко Тошев
Пет месеци по собраниската седница која требаше да донесе одговори, семејствата на жртвите од трагичниот пожар во Кочани се соочуваат со празни ветувања. Додека власта и опозицијата се препукуваат за кворум и процедури, родителите порачуваат: „Нашите животи се уништени, а неправдата нè докрајчува“.
Поминаа повеќе од пет месеци откако собраниската Комисија за заштита на човековите слободи и права ја одржа емотивната седница по претставката на Здружението „16 Март 2025“. Наместо правда и разрешница за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, родителите на загинатите млади лица денес се сведоци на институционален молк и политички калкулации.
Томче Стојанов, родител кој ја изгуби својата ќерка во огнената стихија, во изјава за ТВ24 отворено обвинува дека институциите намерно ја одолговлекуваат постапката. Според него, и власта и опозицијата користат вешти манипулации за да ја избегнат одговорноста и да ги заштитат партиските структури.
„Прво отидоа на одмор... Гледаме дека сме изманипулирани. Од сè што беше кажано и ветено, ништо суштинско не излезе на виделина. На комисијата ги изнесовме сите наши болки и пеколот низ кој поминуваме, а сè уште нема никакви заклучоци. Не можат да се усогласат за трагедија што ја виде целиот свет. Кај нас се прави театар. Срам да им е и на власта и на опозицијата“, вели револтирано Стојанов.
Пораката „Системот ни ги уби децата“ стана симбол на незадоволството во Кочани. Семејствата се децидни дека нивните најмили не настрадале случајно, туку како директна последица на:
„Овој пекол создаден од пари и корупција го живееме секој ден. Некој им пресуди на нашите деца и им го одзеде основното право на живот. А сега сите се тргаат и велат дека не сносат одговорност. Што уште треба да се случи?“, прашува Стојанов.
Додека болката на родителите расте, политичката битка во Собранието ги кочи процесите. Постојаната анкетна комисија, предводена од Димитар Апасиев, сè уште нема усвоено заклучоци. Од Левица тврдат дека седниците се блокирани бидејќи ВМРО-ДПМНЕ не обезбедува кворум.
Од друга страна, најавената нова анкетна комисија, која треба да ги опфати „Пулс“, модуларната болница во Тетово и автобуските несреќи во Ласкарци и Бугарија, е во тотален застој.
Во овој круг на меѓусебни обвинувања, единствени губитници се семејствата кои бараат само едно – вистината да излезе на виделина и виновниците да се соочат со лицето на правдата. За нив, секој изминат ден без одговор е ново „уништување“ на она што останало од нивните животи по кобниот 16 март.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

