31 август 2026
• од Темелко Тошев
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски повикува да се прекине со мистифицирањето на историјата, посочувајќи дека илјадници Македонци по распадот на југословенската армија успеале да се спасат од германско заробеништво токму преку декларирањето како Бугари.
Во свое неодамнешно излагање, Георгиевски се осврна на настаните од почетокот на Втората светска војна и судбината на мобилизираните Македонци во тогашната југословенска армија. Тој како пример ги посочи и сведоштвата од книгите на покојниот Стојан Андов, поранешен претседател на Собранието.
„За тој настан пишува и Стојан Андов во неговите книги. И тој што кажува, вика: ‘Татка ми беше мобилизиран во Кавадарци, кога се распадна југословенската армија само кажал дека не е Србин и Бугарите го пуштија’“, цитираше Георгиевски.
Според Георгиевски, овие историски моменти денес често се толкуваат погрешно, поради што апелира да се согледаат реалните факти и околности во кои се наоѓал македонскиот народ.
„Повторно доаѓаме до таа многу наша голема желба за мистифицирање на историјата, затоа што историјата многу јасно зборува дека една бројка од 25.000 до 30.000 Македонци во тој момент се декларираат дека се Бугари, само за да не одат во германските затвори во Германија“, потенцира тој.
Георгиевски дополнително објасни дека спасувањето не се однесувало само на оние кои биле затекнати на територијата на Македонија, туку и на војниците кои веќе биле однесени во заробеништво во другите републики.
„Она што е поинтересно, да речеме некои кои биле во Словенија или во Хрватска, тие се прибрани во логори. Подоцна цела година траат бугарските експедиции каде што одат во самите логори, ги прашуваат, ги ослободуваат од логорите и ги враќаат назад“, заклучува Георгиевски.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

