30 август 2026
• од Темелко Тошев
Името на Виктор Петрушевски, поранешен советник за локална самоуправа на поранешниот премиер Зоран Заев, се споменува во материјалите од обвинението во Косово против политичкиот аналитичар Фатмир Шехолди, кој е обвинет за шпионажа и уцена. Сепак, Петрушевски ги отфрли тврдењата за каква било негова поврзаност со разузнавачки структури.
Специјалното обвинителство на Косово на 25 август покрена обвинение против Шехолди, тврдејќи дека тој бил регрутиран од Агенцијата за безбедност и информации на Србија (БИА) и дека собирал и пренесувал информации за политичките активности, безбедносната состојба и функционирањето на институциите во Косово.
Според делови од обвинението објавени од косовските медиуми, на 20 и 21 декември 2024 година, Шехолди комуницирал преку апликацијата WhatsApp со Петрушевски, при што се разговарало за организирање средба со Бојан Димиќ, кој од косовските истражители е идентификуван како припадник на БИА.
Обвинението тврди дека средбата се остварила на 25 декември, а според објавените комуникации, Шехолди му испратил на Петрушевски телефонски број за кој истражителите утврдиле дека го користи Димиќ. Во овој случај се споменува и контакт зачуван под името „Viktor Macedonia“. Според обвинението, на 5 август 2025 година, Шехолди му испратил документ означен како „Top Secret 2“ на овој контакт. Косовските медиуми овој контакт го поврзуваат со Петрушевски поради совпаѓањето на името и другите споменати комуникации, но во јавно достапните информации сè уште нема судска одлука која утврдува дека Петрушевски бил дел од некаква разузнавачка мрежа.
Во изјава за телевизијата „Алсат“, Петрушевски ги негираше тврдењата дека имал сознанија за каква било поврзаност на Шехолди со српските безбедносни служби.
„Со Фатмир се запознав пред 2-3 години на средба каде што и тој присуствуваше. Тогаш ми се претстави како директор на еден институт. По извесен период почнавме да комуницираме за политичките и економските случувања во регионот“, изјави Петрушевски.
Тој тврди дека подоцна Шехолди се интересирал за неговата бизнис-активност и му кажал дека има контакти во Србија преку кои може да му помогне во бизнисот.
„Ми го испрати контакт-бројот на едно лице од Србија. Кога дознав за кого станува збор и дека тој нема врска со овој бизнис, одлучив никогаш повеќе да не стапам во контакт со него“, тврди Петрушевски, додавајќи дека остварил и една пократка средба со лица препорачани од Шехолди, но дека комуникацијата понатаму не продолжила.
Според Специјалното обвинителство на Косово, Шехолди се сомничи дека сè до неговото апсење во октомври 2025 година дејствувал по наредби на функционери на БИА и собирал информации и документи од интерес за српската разузнавачка служба. Покрај шпионажата, тој се товари и за уцена на лице од Косово, од кое, според обвинението, барал сума поголема од 13.000 евра.
Случајот се наоѓа пред Основниот суд во Приштина, а првото рочиште е закажано за 7 септември.
Инаку, Виктор Петрушевски во јануари 2021 година беше именуван за советник за локална самоуправа на тогашниот премиер Зоран Заев, додека во косовските медиумски извештаи за овој актуелен случај тој се опишува како бизнисмен од Северна Македонија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

