30 август 2026
• од Темелко Тошев
Со Мицкоски Македонија стана заложник на туѓи интереси на Балканот, велат од опозициската партија, додавајќи дека политиките во земјава се целосно „копи-пејст“ од матрицата на српскиот претседател.
Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) преку соопштение до јавноста остри обвинувања упатија кон премиерот Христијан Мицкоски и власта, тврдејќи дека тие се извршители на ширењето на хибридните влијанија и туѓите интереси во регионот.
Од партијата потсетуваат на актуелните случувања во Црна Гора, каде што премиерот Милојко Спајиќ предупреди дека затворањето на поглавјата со ЕУ ќе биде следено од координирани хибридни напади, додека еврокомесарката Марта Кос изјави дека Унијата мора да има гаранции дека идните членки нема да се претворат во внатрешни „тројански коњи“. Во тој контекст, од СДСМ ги посочуваат и неодамнешните барања на американскиот конгресмен Џо Вилсон за воведување санкции кон Александар Вучиќ поради „уривање на демократијата и приближување кон рускиот режим и Кина“.
Според СДСМ, слична матрица се применува и во Македонија:
„Вучиќ воведува електронско гласање, дели пасоши и пријавува граѓани од Босна, Црна Гора и Македонија во Србија, подготвувајќи се за изборна кражба затоа што знае дека му доаѓа крајот. Мицкоски, по тој модел, се обидува да воведе гласање за дијаспората без контрола. Како што зборуваме веќе со месеци, Мицкоски прави copy-paste на сè што Вучиќ и сестринската партија СНС го прават во Србија.“
Во соопштението се додава и дека медиумската сфера е ставена под ист концепт, тврдејќи дека се водат кампањи по методот на „Гебелс“ со навреди и дехуманизација на политичките неистомисленици. Исто така, посебен акцент е ставен на улогата на министерот Иван Стоилковиќ, за кој од СДСМ тврдат дека „отворено работи на кинеската и руската агенда, навредува пратеници и го велича Ратко Младиќ“.
„Ова е свесна политика на Мицкоски и неговата криминална група – да ја држат Македонија далеку од ЕУ, во изолација, а поблиску до авторитарни сили и источни влијанија. Граѓаните заслужуваат европска иднина, а не да бидат заложници на туѓи интереси“, заклучуваат од СДСМ.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

