28 август 2026
• од Темелко Тошев
Додека Скопје се соочува со секојдневен колапс во јавниот превоз, со автобуси што со часови не се појавуваат на станиците и граѓани кои мрзнат или се пржат на сонце чекајќи го некое „призрачно“ возило од градскиот превоз, власта и платените медиумски кујни помпезно слават нов „спасител“ – градскиот воз на релација Зелениково – Скопје.
Со објавувањето на новиот возен ред со осум линии дневно, се создава илузија дека Скопје преку ноќ се претворило во европска метропола со развиена подземна или надземна железничка мрежа. Но, под лажниот сјај на оптимистичките наслови се крие горката и жална вистина: системот е на колена, инфраструктурата е уништена, а проектот не е ништо друго освен евтин политички маркетинг за замајување на очите на јавноста.
Како може да функционира „градски воз“ кога самата железничка инфраструктура во државата е симбол за неспособност и криминал? Да потсетиме, само неколку недели пред ова „историско“ пуштање во употреба, македонската јавност сведочеше на шокантни вести за целосна кражба и уништување на клучната електровлечна подстаница во Драчево. Наместо системска ревизија, безбедносни гаранции и целосна модернизација, власта со ленти и помпезни изјави се обидува да сокрие дека возовите ќе сообраќаат по пруги кои се децениски занемарени, со ризик од дефекти, застарена сигнализација и постојани доцнења.
Ова што се претставува како револуционерно решение всушност е само рециклирање на одамна постоечките линии кои со децении ги користеле патниците од Зелениково и околните населени места. Преименувањето на обична приградска железничка линија во „градски воз“ без никакви суштински подобрувања во капацитетот, интегриран билет со ЈСП (за да може со една карта да се комбинира автобус и воз) и без нови, модерни возови – е чиста манипулација. Граѓаните и понатаму добиваат застарени вагони, несигурни термини и нула сигурност дека возниот ред ќе се почитува.
Скопјани заслужуваат вистински јавен превоз, а не импровизации кои служат само за политички поени на неколку функционери пред избори или за краткотрајно полнење на медиумскиот простор. Додека градот гуши во сообраќаен метеж, загадување и неорганизираност, обидите за „спасување“ преку хаотичната македонска железница (која секојдневно се бори за сопствен опстанок поради недостиг на машиноправители, гориво и резервни делови) се само фарса.
Најавите за „градски воз“ почнуваат со големи фанфари, но искуството досега покажува дека секогаш завршуваат исто: со откажани линии, револтирани патници и молк од институциите. Наместо лажни бајки на хартија, време е за одговорност и вистински решенија, бидејќи граѓаните повеќе не веруваат во евтини медиумски трикови.
Американскиот Конгрес подготвува санкции за Србија: Предложен законот „SRBIJA Act“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

