28 август 2026
• од Темелко Тошев
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) упати остри критики до актуелната власт, обвинувајќи ја за систематско исклучување на Албанците и другите немнозински заедници од структурите на редот и безбедноста.
Реакцијата на партијата доаѓа по објавувањето на резултатите за прием во средното полициско училиште, каде од вкупно 310 примени кандидати, само 11 се припадници на малцинските заедници (Албанци, Турци, Роми, Срби и други).
Според податоците кои ги изнесе ДУИ, помалку од 3 отсто од новопримените идни полицајци се Албанци. Поради ова, партијата категорично бара поништување и повторување на конкурсот, со цел целосно почитување на механизмите за соодветна и правична застапеност.
Покрај повторување на конкурсот, ДУИ бара и политичка одговорност. Партијата побара итна оставка од заменик-министерот за внатрешни работи од редовите на ВЛЕН, Астрит Исени. Според интегративците, неговото формално присуство на оваа позиција не смее да се користи како алиби за, како што велат, исклучувањето и маргинализацијата на Албанците во државните институции.
„Истовремено, бараме во структурите на полицијата, редот и безбедноста да се воспостават јасни, мерливи и задолжителни механизми за правична и соодветна застапеност, од регрутирањето до раководните позиции. Не може да се дозволи она што се градеше со години да биде поништено за само две години и Албанците да бидат сведени на институционален декор,“ порачуваат од ДУИ во своето соопштение.
Од партијата нагласуваат дека ова не е прашање на еден изолиран конкурс или поединец, туку прашање на еднаквоста и зачувувањето на мултиетничкиот карактер на државата во согласност со Охридскиот мировен договор.
Ваквиот феномен, предупредуваат од ДУИ, создава систем во кој преовладува монистичка матрица каде едни се однесуваат како домаќини, додека граѓаните од немнозинските заедници се третираат како „потстанари и граѓани од втор ред во сопствената држава“.
Американскиот Конгрес подготвува санкции за Србија: Предложен законот „SRBIJA Act“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

