30 август 2026
• од Темелко Тошев
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски во своето најново излагање се осврна на македонско-бугарските историски спорови и дебатата околу толкувањето на настаните од Втората светска војна. Според него, евентуалното бришење на синтагмата „бугарски фашистички окупатор“ од спомениците и учебниците не претставува никаква опасност за македонскиот национален идентитет.
Георгиевски во својата анализа не го оспорува самиот чин на окупација, но бара поширока дебата и поинаков пристап во читањето на историјата.
„Без сомнение, она што се случило од страна на Бугарија врз нејзиниот сосед Југославија или Македонија може на некој начин да се нарече бугарска фашистичка окупација и да не се згреши. Тоа е како основа, како еден почеток на дискусијата“, истакнува тој.
Сепак, поранешниот премиер упатува остри критики кон македонската историска наука, која според него е заглавена во минатото и одбива да се соочи со новите предизвици и факти. Тој смета дека од оваа почетна точка произлегуваат многу прашања и потпрашања кои македонската историографија одбегнува да ги отвори.
„Македонската историографија ниту се обидува да ги реформира тие прашања, ниту се обидува да ги смени, ниту се обидува да даде нов начин на читање. Туку, имаме една закоравена позиција која произлегува од длабокиот југословенски комунизам и едноставно живее во стаклено ѕвонче“, оценува Георгиевски.
Зборувајќи за актуелните барања и политичките тензии поврзани со историскиот наратив, тој смета дека општеството непотребно се плаши од промени.
„Прво, кога зборуваме за ова прашање – да се избрише 'бугарски фашистички окупатор', мораме да кажеме дека во него нема ништо страшно по македонскиот идентитет“, заклучува Георгиевски, повикувајќи на ослободување од наследените догми и отвореност кон ревидирање на историските позиции.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

